Кригла Пиво

Webit 2011

Кригла Пиво October 29, 2011 е-Кригла 2 Comments on Webit 2011

На 26-ти и 27-ми Октомври во главниот град на Бугарија се одржа Webit, една од најзначајните конференции во Централна и Источна Европа за дигитален маркетинг и општо за дигитална индустрија. Според организаторите присуствувале повеќе од 5.000 посетители од повеќе од 45 земји во Inter Expo Сenter во Софија. На главната маркетинг сцена која привлекуваше најмногу внимание од сите 5 сцени, се претставија дел од најголемите светски компании и трговски асоцијации како: IAB, Google, Facebook, Yahoo, eBay, PayPal, Yandex, Microsoft итн.

На конференцијата присуствуваа и доста посетители од Македонија, а нивните впечатоци и пораки од лице место ги споделуваа најмногу на Твитер под хаш-тагот #webitmk. Програмата беше обемна и во продолжение следи само мал дел извадоци од презентациите во двата дена.

Webit 2011

Првиот презентер, Alain Heureux од IAB Europe (трговска асоцијација на адвертајзери, медиумски групи, издавачи, портали, агенции, истражувачки компании и технолошки и услужни провајдери) беше најинтересен за нас поради тоа што најави влез во Македонија и Португалија во скоро време. Во продолжение ги презентираше разликите помеѓу традиционалните и новите потрошувачи и нивната вклученост во креирањето на секој производ, направи споредба на онлајн пазарот во Европа, САД и Кина, зборуваше за влијанието на мултитаскингот кај потрошувачите односно користењето на повеќе уреди во секојдневниот живот како можност што им се отвора на компаниите, на кои производи им расте побарувачката на онлајн пазарот и кога потрошувачите се најмногу поврзани на своите уреди во текот на денот. Освен ова се осврна и на дебатата за приватноста на Интернет при што пораката беше доста јасна, бидете транспарентни и искрени кон своите купувачи, а најважно од се, објаснете им какви податоци користите од нив, што тие значат и како може самите да ги контролираат опциите за приватност.

За време на излагањето на Marc Bresseel од Microsoft Advertising се случи кикс на организаторот, немаше звук на промотивните видеа кои беа спремени и ембедирани во самата презентацијата. И покрај тоа Марк беше еден од подобрите презентери за првиот ден. Тој на почетокот зборуваше за емотивното поврзување на компаниите со купувачите за потоа да ја раскаже успешната приказна со маркетинг кампањата за хип-хоп изведувачот Jay-Z при промовирањето на неговата книга „Decoded“. Беа претставени неколку иновативни банери што ги користат во различни формати за нивните кампањи, накратко кажа за оптимизирање на рекламите и она што е ново дека почнале соработка со Skype за прикажување на реклами засега само во Америка каде сеуште ги тестираат конверзиите. Како и секоја компанија во оваа индустрија, се доста заинтересирани да знаат што повеќе за користењето на различните IT уреди од страна на потрошувачите и за што тие најмногу го користат секој уред посебно. Со цел подобро пласирање на рекламите имаат склучено партнерски договори со Twitter (кој што е интегриран во Bing), Yahoo, Nokia, Skype и Appnexus.

Marta Klepka беше главна презентерка за „Интернет и онлајн рекламниот пазар во Централна и Југоисточна Европа“. Таа со своите гости ни презентираше доста бројки и графикони за моменталната ситуација на овај пазар кои можат да користат за најразлични истражувања, предвидувања на трендови и подобро маркетирање на производите од страна на компаниите.

Дефинитивно најголемо разочарување на оваа конференција беше Rick Kelley од Facebook кој зборуваше за основните работи како може да се искористи оваа социјална мрежа за бизнисите. Нешто што им беше јасно на сите во салата кои очекуваа многу повеќе од обично шаблонско претставување на можностите на Facebook бизнис страните и предлогот дека можат да стекнат многу повеќе фанови со рекламирање на самата мрежа.

Мобилниот маркетинг и социјалните мрежи беа главните теми на вториот ден од конференцијата. Особено внимание привлекуваа предавањата за мобилниот маркетинг како иднина и најбрзорастечки дел од IT индустријата. Трендот јасно кажува дека потрошувачите се повеќе и повеќе ги користат мобилните уреди (посебен акцент на таблетите како хит на пазарот) и купувањето преку нив станува полесно и попрактично од ден на ден. Беа претставени неколку примери за инвентивно користење на мобилните уреди во електронската трговија како на пример тој за виртуелната продавница на Tesco каде луѓето можат да си пазаруваат во метро со едноставно скенирање на QR кодовите од артиклите.

Guillaume Bacuvier од Google зборуваше за трендовите во мобилниот маркетинг, однесувањето на потрошувачите и нивното значење за бизнисите. Негов беше и податокот дека дури 43% би размениле пиво за користење на интернет на смартфон (паметен телефон). Иако не се достапни на нашите пазари, цело време во неговата презентација преовладуваше промовирањето и давањето на значење на нивните производи Google Offers и Google Wallet.

Przemek Pluta од PayPal збoруваше за алтернативните начини за плаќање и даде неколку примери за искористување на можностите на PayPal за заработка на бизнисите. Меѓу поинтересните приказни беше онаа за Rovio (креаторите на Angry Birds) кои заработуваат огромни суми од продажба на плишани мечиња, маски, ранци, играчки, маици и најразлични сувенири во својата онлајн продавница.

За крај ќе го спомнеме и предавањето на Plamen Russev, организаторот на Webit кој зборуваше за друштвените/социјалните мрежи особено за Facebook, промовирајќи си ја својата нова книга. Plamen беше еден од најдобрите презентери на сцената, ја акцентираше довербата што треба да се стекне на социјалните мрежи и да се заборави зборот контрола на Интернет. Според него, социјалните медиуми го демократизираат гласот на луѓето и создаваат дијалог помеѓу потрошувачите и брендот.

Се на се, конференцијата помина добро и покрај неколкуте проблеми кои што се појавија, на пример немаше беџови за сите регистрирани присутни па мораше рачно да се допишуваат, во најголем дел од времето wi-fi мрежата во салата беше недостапна или немањето звук на првиот ден од презентациите. Во изложбениот дел од халата се промовираа повеќе IT компании од Бугарија, па и ние имавме можност да се запознаеме со нивните производи и услуги, а секако имаше по нешто да се научи и од нив. Организаторите најавуваат новини за следното издание на Webit, па останува да видиме со што ќе изненадат следната година.

Во продолжение и галерија со слики:

Надополнето:

Линкови со слики и репортажи од Македонија: Webit 2011 – посветен на огласувањето и важноста на корисникот, Слики од crnobelo.com, Слики од NextSense, Слики od 4Ward

Слајдови од презентациите:
Gillian Muessig: Crowdsourcing: the Future of Marketing Campаign Development
Mat Morisson: What’s the value of a fan? + script
Eleftherios Hatziioannou, Nathaniel Hansen: The Social Media Sweet Spot

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

2 коментари

Додади нов коментар