Кригла Пиво

Топ 10 најпопуларни пива во светот за 2011 година

The Drinks Business во својот годишен извештај ги објави информациите за најпопуларните 10 светски брендови на пиво за 2011 година според големината на нивното производство и обемот на продажба. Некои од брендовите ни се добро познати, а некои скоро и да не ги знаеме и ќе бидеме изненадени од тоа дека се наоѓаат на оваа листа. Одиме со одбројувањето.

10. Asahi Super Dry
Обем во 2011: 12.3 милиони барели
Компанија: Asahi

Asahi Super Dry е најпопуларното пиво во Јапонија која има популација од 127 милиони жители. Сепак обемот на производство го постигнува и со продажба во 50 останати земји вклучувајќи ги и Велика Британија и САД.

9. Brahma
Обем во 2011: 17.4 милиони барели
Компанија: AB InBev

Brahma е бразилски бренд на пиво кое нас ни е познато од рекламата со музичката супер ѕвезда Џенифер Лопез. Очигледно е дека освен на домашниот пазар добро се продава и во другите земји во Јужна Америка.

8. Miller Lite
Обем во 2011: 18 милиони барели
Компанија: SABMiller

Првото американско пиво на листава. Со оглед на тоа дека лесните пива се доста популарни во САД воопшто не треба да не чуди нивната популарност. Miller Lite е спонзор на NASCAR, а неодамна започна рекламна кампања со која на сите што имаат име, средно име или презиме„Miller“ им дава поклон пакет пиво.

7. Coors Light
Обем во 2011: 18.2 милиони барели
Компанија: Molson Coors

Изгледа дека појавувањето на Жан Клод Ван Дам во рекламите за Coors Light ги даде резултатите и нивниот обем на производство и продажба претходната година значително се зголеми.

6. Heineken
Обем во 2011: 24.8 милиони барели
Компанија: Heineken International

Можеби очекувавте Heineken да биде на некое од повисоките места, но и вака тие го зголемија својот обем спрема 2010 година за повеќе од 1 милион барели. За одбележување е нивната зголемена присутност и продажба на пазарите во Африка и Русија.

5. Skol
Обем во 2011: 29.5 милиони барели
Компанија: AB InBev

Skol е најпопуларното пиво во Бразил кое е сопственост на AB InBev, иако лиценцата за пазарите надвор од Африка и Јужна Америка ги има Carlsberg Breweries. Се очекува обемот на производство да се зголемува со поголемото навлегување на пазарите во САД, Велика Британија и Кина.

4. Corona Extra
Обем во 2011: 30.4 милиони барели
Компанија: AB InBev

Постојаните промотивни кампањи го даваат својот резултат и Corona секоја година бележи зголемена продажба и популарност на својот бренд. Голема заслуга за тоа секако има компанијата AB InBev која го презеде брендот во 2008 година.

3. Budweiser
Обем во 2011: 38.7 милиони барели
Компанија: AB InBev

Претходната година Budweiser направи значаен исчекор на пазарите надвор од САД каде беше забележена зголемена продажба од 20%. Во тоа им помогна спонзорството на англискиот фудбалски FA куп и фудбалскиот клуб Вембли.

2. Bud Light
Обем во 2011: 45.4 милиони барели
Компанија: AB InBev

Bud Light останува најпопуларно и најпродавано пиво во САД. Инвестирањето во брендот е континуирано со промотивни кампањи, нови вкусови и спонзорство на американската хокеарска и безбол лига.

1. Snow Beer
Обем во 2011: 50.8 милиони барели
Компанија: SABMiller

Веруваме дека повеќето не го ни знаат, уште помалку да го имаат пробано ова кинеско пиво кое некое време се наоѓа на првата позиција по популарност. Ова не би требало да не зачуди знаејќи колкав пазар има во Кина каде Snow Beer убедливо доминира.

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

Додади нов коментар