Кригла Пиво

Прилепскиот Пивофест низ маркетинг призма

Фестивалот на пивото во Прилеп, Пиво-Фест 2011, освен што донесе заработка за пиварниците беше одлична можност за маркетиншко промовирање на нивните производи, наоѓање на нови потрошувачи и зголемување на довербата кај постоечките купувачи. Но, колку пивските брендови во Македонија ја согледаа таа можност и вложија во себе промовирањето? Од она што можевме да видиме, многу малку.

Сакавме да направиме една маркетинг галерија, но испадна дека имаме премалку материјал. Сепак, постот ќе го класифицираме како дел од маркетингот па можеби ќе мотивираме некого да поработи на оваа тема за следните фестивали.

Од сликите што ги издвоивме, најдоброто нешто се патоказите кои се поставени во Прилеп под спонзорство на Скопска Пивара, односно Горско пиво. Одлична идеја со која покажуваат вклучување во локалните активности и бесплатна реклама низ цел Прилеп каде водечки пива се Златен Даб и Крали Марко. Минус за Прилепската Пиварница што први не се досетиле на оваа идеја во нивниот град. Единствено не сме сигурни дали патоказите ќе издржат до следниот Пивофест со оглед дека материјалот од кој што се изработени не е баш најквалитетен. Упс, изгледа дека не се ни точни патоказите. Според нив, Штип е подалеку од Кочани…или можеби само ги имаат помешано двата града?

Горско ќе го добие и нашето признание за најдобро уреден штанд. Од помалите штандови вреди да се истакне штандот на германското пиво Paulaner, каде што се точеше и ирското пиво Murphy’s. Нашите штандови можат да научат дека за точење на пиво не е доволно да се стави една цевка, туку дека тоа може да се направи со стил како што доликува на големи пиварници. Штандовите на Прилепската Пиварница, а особено тој на бугарското пиво Каменица го привлекуваа вниманието и со убавите девојки што ги пречекуваа и служеа гостите.

Штандот на Горско

Никшичко пиво освен со големиот балон во форма на пиво, вниманието го привлекуваше со мала промоција, односно на секои 5 купени кригли пиво даваше гратис маичка. За разлика од минатата година, домаќинот немаше обезбедено поголем број на сувенири од Пиво Фест 2011. Можеше да се купат само маички и неколку видови на кригли за пиво. Помал број на сувенири имаше и на тезгите кај локалните продавачи. Се на се, од маркетинг аспект фестивалот на пивото во Прилеп, но исто и на оние во Скопје и Охрид, се недоволно искористени. Во време на зголемена конкуренција маркетингот е средство во кое треба да се вложува и да ја направи разликата помеѓу брендовите. Нашите пиварници и увозници имаат уште доста што да учат.

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

Додади нов коментар