Кригла Пиво

Полнети лепчиња

Овие мали воздушести лепчиња со пиво, се навистина добро ладно предјадење или мезе за викенд дружба со пријателите. Лепчињата со пиво се навистина лесни за приготвување и можете да ги наполните со било каква крем салата, но наш предлог е тоа да биде со француска или пилешка салата.

Полнети лепчиња

Време за подготовка: околу 40 минути.

Потребни состојки:

  • 1 чаша светло пиво
  • 8 мали лажички путер или маргарин
  • 1 чаша сенаменско брашно
  • ½ лажичка сол
  • 4 јајца
  • полнење по ваш избор

Начин на подготовка:
Во тенџере го ставаме пивото и путерот да се загрее сè додека путерот не се растопи. Додадете го брашното и солта, намалете ја температурата на варење и постојано промешувајте да не загори, сè додека смесата не се оддели од страната на тенџерето и не се формира топка на средината.

Тргнете ја смесата од оган и оставете ја да се олади околу 1 минута. Додадете ги јајцата едно по едно, постојано мешајќи ја смесата додека тестото не се изедначи.

Со мала лажичка црпете од тестото формирајќи топчиња, кои ги поставувате на 2-3 cm растојание во подмачкана тава за печење или на специјална хартија за печење. Доколку имате готварски шприц, тестото наполнете го во шприцот и формирајте ги лепчињата на овој начин притоа внимавајќи нивната големина да биде со дијаметар од околу 2,5 cm.

Претходно загрејте ја рерната на 220 степени Целзиусови и печете на оваа температура околу 10 минути, а потоа намалете на 180 степени и допечете ги лепчињата додека да добијат кафеаво-жолта боја.

Од смесата би требало да добиете од 60 до 80 малечки лепчиња. Откако лепчињата ќе се оладат, засечете ги на средината и започнете да ги полните со крем салатата.

За крај напијте се добро македонско пиво мезејќи ги овие вкусни мини сендвичи 🙂

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

Додади нов коментар