Кригла Пиво

Побогата понуда на пива во рестораните води кон поголема потрошувачка

Според неодамнешното истражување на Alcoholic Beverage DemandTracker, кај 33% од гостите во рестораните поголеми се шансите да нарачаат пиво доколку има голем избор на различни пива во понудата. Во таков случај 26% од нив би испиле повеќе пива отколку што е вообичаено за нив. Истражувањето за потрошувачките навики за алкохол е вршено во САД.

Побогата понуда на пива во рестораните води кон поголема потрошувачка

Пошироката и побогата понуда со пиво го поттикнува експериментирањето со различни брендови и повторното поврзување со брендови кои биле користени порано. 36% oд потрошувачите одговориле дека би избрале бренд на пиво што не го пробале претходно, додека 19% би нарачале пиво што не го пиеле веќе подолго време. Поголемата понуда на пива нема ефект врз нивната потрошувачка кај 26% од испитаниците.

Побогатата понуда на пива во рестораните има особено влијание кај љубителите на традиционални пива од малите и независни пиварници (craft пивата). Дури 44% од нив одговориле дека побогатата понуда има значајно влијание дали тие ќе нарачаат пиво, а 34% би нарачале повеќе пива во таков случај.

Поттикнувањето на рестораните да понудат поголема селекција на брендови е одличен начин за пивската индустрија да ја зголеми потрошувачката. Поголемата листа на брендови ги поттикнува луѓето да изберат пиво, да експериментираат повеќе и да испијат повеќе од едно пиво – изјави David Decker, претседател на Consumer Edge Insight.

Иако истражувањето е вршено во САД, овие резултати сериозно би требало да ги сфатат и македонските ресторани и кафулиња и да понудат побогат асортиман на пива. Ние како потрошувачи секогаш сакаме да имаме добар избор.

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

Додади нов коментар