Кригла Пиво

Осврт кон Пивофест 2012

Заврши 10-тото јубилејно издание на Пивофест во Прилеп и време е да направиме еден завршен осврт кон годинешниот фестивал. Некои од нас се присутни и го следат фестивалот уште од првата година, а некои за прв пат ја осетија пивофестовската атмосфера.

Да започнеме од организацијата која оваа година беше на највисоко ниво и со минимални пропусти. Било внимавано на деталите и на надополнување на целиот фестивал со нови содржини. Имаше бесплатна кампинг зона со обезбедени тушеви, тоалети, стражари и гратис кафе за расонување. Огромен паркинг простор што ги задоволи сите потреби на гостите и регулиран режим на сообраќај кој не создаваше никаков застој. Туристички воз за разгледување на градот и превоз до кампинг зоната. Пиво велосипед, натпревари во пиење пиво, беџови, кригли и маички како сувенири од Пивофест, балони со логото кои се делеа на најмладите беа составен од фестивалот. Посебно внимание привлекуваа девојките и момчињата кои беа еден вид на заштитини лица на фестивалот, облечени во оригинални костуми и беа постојана мета за фотографирање. Најголемите шанкови исто така си имаа обезбедено оригинални облеки за своите послужувачи. Да, оваа година конечно пиварите се потрудиле и машините за точење да си ги брендираат.

Многумина забележуваа за цената на пивата мислејќи дека треба да бидат поефтини и за ваквите манифестации пијалоците да имаат промотивна цена. Реалноста е дека на сите пивски фестивали, цената на пивото е повисока отколку во продавница и е далеку од промотивна. Цените во Прилеп се пониски и од останатите слични настани што се одржуваат низ Македонија. Нас повеќе ни сметаше што немаше поголем избор на пива. Би сакале да има брендови што ги нема во сите продавници и пива со свој специфичен вкус кои се разликуваат од тие кои сме навикнати да ги пиеме. Впрочем сите вистински љубители на пиво би сакале на овај фестивал да пробаат различни вкусови на пиво. За квалитетот на пивата нема што посебно да се дискутира бидејќи сите пива веќе ни се познати, ги знаеме од претходно и горе-долу редовно ги пиеме. Тука огромен плус треба да се даде и за бесплатните грицки што беа делени на повеќе места во фестивалската зона сите 4 денови.

Каде има јадење и пиење нормално е да има и многу ѓубре што се остава позади нас. Без разлика што комуналните служби неуморно чистеа секој ден, организаторите требало да обезбедат повеќе корпи за отпадоци како не би биле приморани ѓубрето да го фрламе на земја. Голем број работници во текот на вечерта на самото место го сортираа и го собираа пластичниот отпад, а рано наутро се расчистуваше целокупниот смет и буквално местото сјаеше како воопшто да немало толку многу гужва претходната вечер. Минус за организацијата има и тоа што се наплаќаше користењето на подвижните тоалети, па луѓето буквално уринираа каде стигнат и го загадуваа градот. На ниту една манифестација на која што сме присуствувале ние не се наплаќало користење на тоалет. Ова мора да се корегира следната година и да се внимава на тој дел од хигиената.

Последниве години најмногу дискусија предизвикува музичката програма, но ние ќе ја избегнеме поделбата според тоа каква музика сакаат луѓето. Како забелешка ќе пишеме дека Пивофест како манифестација ги надминува границите за само една бина и мора да се размисли за воведување на уште една мала алтернативна сцена која ќе биде на разумна оддалеченост од главната бина. Електронската музика и забавите до рано наутро беа кај камената бина која што почнуваше со музика после завршувањето на официјалната програма. Голема пофалба треба да се упати за огромната бина, одличното озвучување, осветлување и видео бимовите кои беа едни од најдобрите што сме ги гледале на нашиве простори. Уште еден минус има за музиката што доаѓаше од штандовите и што се мешаше со музиката од главната бина. Според правилата, штандовите не смеат да пуштаат своја музика за време на официјалната програма, а пред и после тоа можат да пуштаат музика што нема да им пречи на останатите штандови. Ова не се почитуваше и делуваше крајно некултурно од нивна страна.

Обезбедувањето коректно си ја заврши работата и немаше поголеми инциденти иако имаше доста млади кои наместо да се забавуваат гледаа каде можат да направат некој проблем. Не знаеме дали имаше уфрлено луѓе од обезбедувањето во првите редови, но за следната година и тоа треба да се има во план со цел да не настрадаат луѓето кои дошле убаво да си поминат заради неколкумина кои од секој поглед се спремни да предизвикаат тепачка. Немаше пријавено ниту зголемен број на пријавени лица во градската болница во Прилеп поради предозираност со алкохол. Нас воопшто не ни се допадна што како никогаш досега на Пивофест се фрлаа огромни количини на пиво во воздух и се истураа врз луѓето. Подобро да им го дадете пивото на некој што би сакал да го испие наместо залудно да се фрла.

Во однос на маркетингот имаше брошури, флаери, тв реклами, интернет реклами и билборди. Сепак како и претходните години интернет и социјалниот маркетинг беа неоправдано запоставени и Пивофест не може да се пофали дека е „друштвен“ на новите медиуми. Условите за новинарите беа супер за класичните медиуми, но интернет медиумите сигурно би сакале да има една просторија со обезбеден интернет како би можеле во реално време да известуваат и да праќаат извештаи и фотографии за своите веб изданија и социјални канали. Овде да ги поздравиме и сите медиуми и портали што ни крадеа фотографии…нот кул дечки!

На крајот, тимот на Кригла Пиво сака да ви се заблагодари што не посетувавте претходниве денови и што ги споделувавте нашите фото галерии. Се надеваме дека сте задоволни од тоа како го следевме и го доближивме до вас фестивалот. Ние баш убаво си поминувавме, сликавме, се журкавме до сабајле, го дочекувавме изгрејсонцето пиејќи пиво. Како си поминавте вие?

На Пивофест се гледаме наредната година, а дотогаш престојaт уште многу други настани каде што ќе се дружиме. Cheers!

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

1 коментар

  1. Живко July 18, 2012 во 8:29 pm

    Со оглед дека пиво фест нема официјална страна(има, али не е функционална) информаците ги собирав од тука, за тоа фала многу. 😀
    Со овој ваш заклучок се согласувам целосно и навистина фали уште една бина (не таа кај ѕидот), и повеќе познати странски изведувач 🙂
    Жалам што сеа се информирав за убаво уредениот камп… али здравје боже наредна година таму. 😀
    Поздрав!

Додади нов коментар