Кригла Пиво

Октоберфест 2011

Октоберфест 2011

Фото: AFP

178-миот традиционален фестивал на пивото – Октоберфест беше отворен во саботата во германскиот град Минхен. Како и секоја година честа да го отвори фестивалот и првото буре со пиво му припадна на градоначалникот Кристијан Уде. Оваа година Октоберфест ќе трае 17 дена, односно од 17-ти Септември до 3-ти Октомври и за тој период се очекуваат околу 6 милиони посетители од целиот свет. За најстариот и најпознат фестивал на пивото во светот, сите пивари спремаат посебно пиво кое се прави со повеќе слад и повеќе алкохол.

Најголем дел од просторот на Октоберфест им припаѓа на 14-те големи шатори кои можат да соберат до 10.000 луѓе. Сепак шаторите зафаќаат само 1/3 од целиот простор. Останатиот дел е претворен во огромен карневал со забавни тркала, разни игри, штандови за ужина и сл. Право да точат пиво на Theresienwiese имаат само најголемите градски минхенски пивари: Paulaner, Augustiner, Hacker, Hofbräu, Löwenbräu и Spaten.

Просечната цена на една кригла пиво за оваа година е во пораст и чини околу 9 евра. Сепак за некои посетители тоа е многу помалку отколку цената за кригла пиво во нивните локални барови. ECA International направиле едно истражување кое покажува на кои посетители им е поисплатливо да го посетат Минхен за време на фестивалот. Во листата на држави каде пивото е поскапо од Октоберфест се вбројуваат и Норвешка, Италија, Јапонија, Данска, Канада…

Ценовен индекс за Октоберфест 2011

Влезот на Октоберфест е бесплатен, но за да може да влезете во некој од шаторите ви треба резервација на маса која најчесто се прави неколку месеци однапред. Сместувањето во Минхен е прилично скапо, но затоа како поевтина опција за престој го имате Wiesn Camp кој се наоѓа на 10 минути од фестивалот. Доколку планирате да го посетите Октоберфест задолжително инсталирајте си некоја од многуте мобилни апликации направени за овај настан. Доколку користите iPhone наши препораки се:

1. Oktoberfest.de – апликацијата на официјалната веб страна која нуди голем број информации за фестивалот и за шаторите, но и се апдејтува цело време со нови слики од веб камерите кои се поставени на целиот простор.

2. Wiesn 2011 – Oktoberfest 2011 – исто така корисна апликација од која најмногу ни се допадна, алкохол калкулаторот

3. Bier-Inspektor – сликајте ја криглата со пиво и оваа апликација ќе ви прикаже за колку пари ве прелажале, односно за колку пари недостасува пиво во криглата.

За корисниците на Android еве уште неколку предлози:

1. Oktoberfest App – освен стандардните информации, нам ни се допадна можноста со оваа апликација да научите да зборувате на бавариски и да ги пеете традиционалните песни од овај фестивал.

2. Oktoberfest Guide Free –  бесплатен водич за Октоберфест

3. Oktoberfest Special 2011 – прилично доста информации за Октоберфест на 4 јазици и можност да си правите фото колажи од фестивалот.

За крај и неколку галерии со слики од првиот викенд на Октоберфест 2011:  Theatlantic.com , Smh.com.au , Tressugar.com

Надополнување, 05.10.2011: Галерија со слики од Boston.com – The Big Picture

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

1 коментар

Додади нов коментар