Кригла Пиво

Најстарата скопска кригла за пиво

Кригла Пиво Мај 20, 2012 Кригла Пиво 1 коментар

Најстарата скопска кригла за пиво

Во еден од скопските локали во Дебар Маало се наоѓа најстарата зачувана кригла пиво во Скопје, а најверојатно и во Македонија. За оваа кригла најпрвин пишуваше археологот Василка Димитровска на Arheo.com.mk, а потоа и Данило Коцевски, хроничарот на град Скопје во дневниот весник Вест.

Според Василка, криглата потекнува од 1908 година од пиварницата која се викала „Прва Парна Пивоварна“:

На фотографијата се наоѓа оригинална пивска кригла која потекнува од 1908 година која ја пронајдов во едно од скопските кафулиња во денешно Дебар маало. Според мислењето на музејските кустоси како и луѓето кои се бават со антиквитети, овој артефакт е веројатно единствениот сочуван примерок од тоа време. Пивската кригла потекнува од пиварата “Прва Парна Пивоварна”, која била лоцирана кај денешната општина Бирарија и била една од настарите пиварници на овие простори.

Малку повеќе време ми беше потребно да пронајдам каде се наоѓала некогашната општина, а сега месна заедница во Скопје, именувана како Бирарија. Мештаните ја нарекувале и Стара Бирарија. Потрагата по информациите започна од сајтот на општина Кисела Вода, каде Бирарија се води како една од нивните месни заедници, со седиште лоцирана на улицата Томе Арсовски б.б. Со денешни архитектонски репери тоа би била реонот помеѓу улицата Огњан Прица и црквата Св. Петка.

Додека според Данило, пиварницата се викала „Бирарија“:

Нај­ста­ра­та зачувана кригла за пиво привлекува внимание, како по нејзиниот не­о­би­чен изглед и функционалноста така и по цртежот кој го има на неа, на кој е прикажана најстарата пиварница “Бирарија”. Криглата има из­дол­же­на форма, тесното грло се проширува кон дното, од страната има тен­ка полукружна рачка, а на самиот отвор на врвот метално капаче, со кое се затвора. Капачето е убаво, речиси филигрански изработено, и лес­но се подига со движење на раката. Пиварницата “Бирарија”, која е при­ка­жа­на на цртежот, изгледа како некој волшебен предел од бајките, блика зе­ле­ни­ло и недопрената природа од планината Водно, која се наѕира над об­јек­тот на пиварницата. Прикажана е главната зграда, но и некои прид­руж­ни простории кои се во нејзин состав. Пред неа се простира гриж­ли­во суреден двор, со многу естетски обликувани детали. Тоа е изгледот на пи­вар­ни­ца­та кој денес речиси никој не го знае. На сликата е забележена го­ди­на­та 1908.

Најстарата скопска кригла за пиво

Очигледно е дека се работи за истата парна пиварница која се наоѓала во маалото Бирарија. За нејзината историја Данило пишува:

Пос­то­јат разни податоци, но добрите познавачи и истражувачи на оваа проб­ле­ма­ти­ка велат дека пиварницата “Бирарија” била основана во 1905 го­ди­на. Основачи на фабриката биле неколкумина, и тоа браќата Аџи­кос­то­ви, потоа, Петар Лекиќ, Љубомир Божиќ и Сали-бег Рустембег. Рус­тем­бег е познат и како еден од најдобрите скопски градоначалници од по­че­то­кот на 20 век. Подоцна, во 1906 година, Сали-бег се разортачил, а другите ја про­дол­жи­ле работата. Забележано е дека пиварницата била изградена ле­во од патот за населбата Црниче, и тој крај и денес се нарекува Би­ра­ри­ја. Основниот капитал изнесувал 8.000 златни турски лири.

Ма­ши­ни­те за пиварницата биле купени на старо од градот Плзењ, и таа рас­по­ла­га­ла со еден мотор од 45 кс. Како и во другите подоцнежни пи­вар­ни­ци, и во “Бирарија” била основана мразарница во 1909 година, со дневен ка­па­ци­тет од 1.000 кг мраз, а машините биле нови, купени од Германија. Спо­ред постојните податоци, пиварницата работела до 1909, а мра­зар­ни­ца­та до 1911 година. Во зградата на пиварницата во 1912 год. избувнал пожар, и таа била наполно уништена.

Кога сме кај старо Скопје и пивото, да го споменеме домашното пиво „Аловина“ што се правело во тој период за кого има информации на сајтот Старо Скопје:

Посебен вид на алкохолен пијалак било домашното пиво “аловина”. Тоа се приготвувало со киснење и набубрување на јачмен или овес, потоа се сушело и се мелело за да се добие брашно. Од добиеното брашно се замесувало тесто со студена вода и се ставало на дното на некој сад. Врз него се поставувал вжарен камен и веднаш потоа садот се полнел со врела вода, по што доаѓало до вриење, односно ферментација. Така се добивал жолтеникав пијалак со вкус на денешното пиво.

Фотографиите од статијава се сопственост на Василка Димитровска и Arheo.com.mk. Објавени се со нејзина согласност.

Објавено на 20.05.2012

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

1 коментар

Додади нов коментар