Кригла Пиво

На пиво во Истанбул

На пиво во Истанбул

Посетата на маркетинг конференцијата Webit во Истанбул ја искористивме да прошетаме малку во овај град, да испиеме некое пиво, да пробаме турска храна и да направиме една репортажа за вас. Кога ќе се спомене Турција и нивното пиво сигурно ве асоцира на Ефес (Pilsen, Dark, Light, Ice…). Овај бренд е препознатлив за пивската индустрија во оваа земја и навистина со добра причина, а не само заради старата слава што ја имаат. Со оглед на тоа дека останатите пива прилично не разочараа, доколку не сте љубопитни не ви препорачуваме воопшто да ги пробувате освен Marmara, кое е помалку застапено и ретко се наоѓа. Кога сме кај Ефес, покрај стандардниот пилсенер според нас најдобро е темното пиво со 6,1% алкохол и прекрасен вкус на карамелa. Би можеле да го пиеме во секое време од денот.

На пиво во ИстанбулИстанбул е најголемиот град во Турција со скоро 14 милиони жители и огромен број на туристи кои доаѓаат и си одат секој ден. Градот што „лежи“ на Босфорот, помеѓу Мраморното и Црното море може да ви понуди супер забава во вечерните часови со оглед на тоа дека располага со разновидни кафулиња, ресторани, дискотеки и пабови. Што се вели, има за секого по нешто и сигурно нема да ви биде досадно додека престојувате во овај град. Ние, поголемиот дел од времето го поминавме на Истиклал авенијата и плоштадот Таксим, како најпознати туристички шеталишта исполнети со познати бутици, ресторани, кафулиња, продавници за сувенири и слатки работи. Во другите делови на Истанбул можеби се наоѓаат и поефтини локали и поразлична понуда на храна и пиење.

Најефтиното пиво што го сретнавме во кафуле беше Fici – 8 лири (за 100 евра добивате околу 230 лири), додека Efes Pilsen не се наоѓаше под 10 лири, скоро 4,5 евра. Во маркети, голема лименка Ефес чини околу 4 лири. На некои места освен стандардните чаши и кригли, на наше пријатно изненадување имаше и големи кригли од 0,75л. Во Турција скоро на сите места каде што се пие може да се нарача и за јадење, што е прилично добро ако сакате да мезите со пивото, било порција сирење, салата, апетисани, компирчиња или нешто мрсничко 🙂 Уште подобро е што музика во живо навечер има на секој агол, барем на Истиклал улицата и малите сокачиња во неа. Ако сте љубители како нас на рок музиката, тогаш нема да згрешите било каде и да седнете во многуте рок местенца, пабчиња, кафулиња, beer houses… Дури и турската рок музика може да ви изгледа интересна иако нема да разберете ниту збор од текстот. Најбитно е дека секаде има точено пиво.

На пиво во Истанбул

Најголемо разочарување од пивата беше кога ни донесоа Mariachi Black, наместо очекуваното темно пиво ова беше со овошен вкус на лимон. Меко пивце за со ручек. Ние дефинитивно не го погодивме тајмингот. Ништо подобро не е ниту обичното Mariachi, така да наш совет е секогаш да ги проверувате на интернет пивата пред да ги нарачате. Во Турција се полнат и некои од познатите брендови што ги немаме кај нас, па од нив би ги издвоиле Miller Draft како полесно пиво што може секој ден да си го пиете со пријателите и белгиското Leffe Blondie кое е појако со 6,6% алкохол и појак, специфичен вкус и посилна арома на која не сме навикнати кај нас во Македонија, но е многу убаво и пријатно за пиење.

Од храна ги пробавме стандардните турски донери, кебапи и уште неколку традиционални јадења и како наш коментар би зеле цитат од една наша позната водителка на кулинарска емисија: „Мх мх мх“. Турско кафе ретко се наоѓа, но затоа имате Starbucks на секој агол каде што не очекувајте дека ќе имате пристап до безжичен интернет. Пробавме и турски чај помеѓу две пива чисто од радозналост да видеме зошто Турците го обожаваат. Има јак, горчлив вкус на кој не сме навикнати ние. За жал не начекавме некој фудбалски натпревар на Галатасарај или Фенербахче за да го почувствуваме вкусот на пивото помеѓу турските навивачи.

Храна во Истанбул

Во Истанбул многу малку се зборува англиски јазик, па бидете спремни понекогаш да се разбирате со гестикулации. Кон нас гледаат како на пријателски народ и секогаш е плус доколку кажете дека сте од Македонија. Како и на балканот, кога ќе видат дека сте туристи многумина ќе се обидат да ве поткраднат, на пример да ви наплатат поскапо отколку што е во менито, така што не е на одмет секогаш да го препрашувате келнерот за цената за да не можат да се вадат дека ви дале мени со стари цени. Во некои ресторани во Истанбул не се служи алкохол и пожелно е уште на влегување да си прашате доколку со јадењето преферирате ладна кригла пиво.

За повеќето турски пива посебно можете да читате на блогот од @twibi – Пивски Стомак. Како за крај погледнете ја фото галеријата од Истанбул и на здравје со едно турско пивце што ни остана на залиха!

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

2 коментари

  1. Twibi October 27, 2012 во 9:12 am

    Кога сме на тема пиво во Турција.. 🙂 http://pivskistomak.tumblr.com/tagged/turkey

  2. Кригла Пиво October 27, 2012 во 9:58 am

    Добра идеја Борис, додаден е линкот и во написот. p.s. за да излегува твое аватарче на коментарите регистрирај си ја е-mail адресата на gravatar.com 🙂

Додади нов коментар