Кригла Пиво

Компир салата со прелив од пиво

Веќе ни станува редовна пракса, пред да започне викендот да ве изненадуваме со рецепти кои би можеле да ги подготвувате и секако консумирате со пиво. Со цел да ја отвориме таа есенско/зимска сезона на јадења, одлучивме овојпат да споделиме навистина вкусна салата од компири со прелив со пиво.

Компир салата со прелив од пиво

Време на подготовка: 35 минути

Потребни состојки:

  • 1 килограм компири (средна големина)
  • 2-3 глави кромид
  • Магдонос
  • 6 големи лажици маслиново масло
  • 250-300мл светло пиво (кое и да е ваше омилено)
  • 3 големи лажици јаболков оцет
  • 1 голема лажица сенф
  • ½ мала лажица шеќер или 1 мала лажица мед
  • Сол и бибер по вкус

Начин на подготовка:

Ги вариме нелупените компири во солена вода околу 20-25 минути. Откако компирите ќе бидат добро сварени, ќе ги извадиме да се оладат доволно за да можеме да ги излупиме.

Во меѓувреме, додека се ладат компирите го приготвуваме преливот на следниов начин: во тава за пржење на среден оган, ставаме 2 големи лажици маслиново масло и внатре го додаваме претходно исечканиот кромид. Пржиме додека не омекне и потоа го додаваме пивото, јаболковиот оцет и шеќерот (или мед) и оставаме да врие 5 минути.

Го тргаме од оган и смесата ја пасираме или мешаме со миксер дури да се направи еднолична смеса (оние кои обожаваат кромид, може само пола од смесата да ја испасираат, заради густина на преливот), а во меѓувреме го додаваме сенфот и преостанатите 4 големи лажици маслиново масло. Додаваме сол и бибер по вкус.

Внимавајќи да не се изладат премногу компирите (запомнете се работи за топла салата), ги лупиме и ги сецкаме на коцки со средна големина (големина на залак). Ги ставаме излупените компири во поголем сад, го додаваме преливот и промешувајќи го додаваме исечканиот магдонос (по желба).

На крај салатата ја сервираме со голема кригла пиво и се разбира ја делиме со нашите најблиски, затоа што сепак 1 килограм компири се премногу за еден човек. Наздравје и имајте пријатен викенд 🙂

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

1 коментар

Додади нов коментар