Кригла Пиво

Како помина Webit 2012

Кригла Пиво October 16, 2012 е-Кригла 1 Comment on Како помина Webit 2012

На 10-ти и 11-ти октомври во Истанбул се одржа Webit конференцијата за која што претходно пишувавме на Кригла Пиво. Фокусот на конференцијата, како и минатата година беше на мобилната технологија и социјалните медиуми. На 7 паралелни конференции говореа голем број на експерти од дигиталната индустрија oд светски познатите компании како Adobe, Facebook, PayPal, Yandex, Google, IBM и многу други.

Говорниците воглавно со добро спремени и испраксирани презентации, со факти, цитати и говори кои се прилично познати за луѓето што се наоѓаат во IT индустријата, но сигурно интересни и нови за оние што допрва навлегуваат во оваа област. За жал ги избегнуваа одговорите на попровокативните прашања, па дури и претставникот на Facebook политички го изврте и го заобиколи конкретното прашање од Plamen Russev, основачот на Webit за тоа што конкретно планираат со купувањето на Instagram. Одговорот општ и добро познат на сите дека главно сакаат да го подобрат мобилното искуство на корисниците.

Како и минатата година кога конференцијата се одржуваше во Софија, останаа неколку недостатоци како слабиот односно во поголем дел од времето немањето безжичен интернет, проблеми со акредитациите или доцнење и грешки во саатницата. Немаше бесплатно кафе на конференцијата и бесплатни пијачки на Webit забавата, кои се наплаќаа по прилично високи цени. Оваа година имаше подобри излагачи на саемот и како новина беше натпреварот за стартап компании, а финалистите имаа можност за бесплатен изложбен простор и можност за контакти со присутните. Токму стартапите беа една од позабележителните работи која нам ни остави впечаток и наместо за говорниците следниве редови ќе им ги посветиме нив. Ќе ги претставиме оние што нам ни оставија впечаток и мислиме дека ќе го привлечат и вашето внимание.

mySugr

Заслужен победник на стартап натпреварот кој што не воодушеви сите. Апликација за iPhone што ви помага во борбата против дијабетисот. Компанија со 11 вработени која се наоѓа во Австрија и која што ги исполни условите од ЕУ за влез на пазарот за медицински помагала. Погледнете го промотивното видео за да дознаете повеќе како функционира mySugr:

Sellbox

Sellbox е сервис кој што ви овозможува на брз, едноставен и сигурен начин да продавате дигитални фајлови преку вашaта Dropbox и PayPal сметка. Функционира на тој начин што одбирате некоја датотека од Dropbox фолдерот, додавате објаснување и цена и добивате линк преку кој вашите потрошувачи ќе можат да го купат фајлот и да платат веднаш преку PayPal. Провизијата за сервисот е 5% од цената.

Frommees

Холандскиот стартап Frommees претставува нов начин на искуство со социјалните медиуми, комбинирајќи го офлајн со онлајн светот. Frommee претставува мал, тркалезен токен кој содржи уникатен код кој треба да се регистрира на нивната веб страна од каде што може да се стави на него некој интересен видео клип од Youtube или Vimeo или некоја слика. Кога ќе го регистрирате токенот ќе можете да го видете неговото патување како се движел во различни делови од светот и на уникатен начин да запознавате нови луѓе. Едвај чекаме да видеме каде ќе патуваат нашите токени 🙂

Tickera

Стартап од соседна Србија кој на брз и лесен начин ви овозможува да продавате влезници преку интернет за настаните што ги организирате. Се состои од WordPress тема, WordPress додаток и iPhone апликација за проверка на влезниците кои што сте ги продале. Наплатата е преку PayPal и 2Checkout. Провизија не се наплаќа, додека цената на пакетот е 149 долари за еден домејн или 249 долари за неограничена употреба.

Во продолжение и мала фото галерија од Webit 2012 во Истанбул, Турција:

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

1 коментар

Додади нов коментар