Кригла Пиво

Говедско во сос од пиво и кромид

Говедско во сос од пиво и кромид

Говедското во сос од пиво и кромид, можеби не е така брз рецепт за подготовка на вашиот ручек или вечера, но секако прекумерно вкусен и хранлив, кој вреди да се проба.

Говедско во сос од пиво и кромид

Потребни состојки:

  • 1 кг. чисто говедско месо (6-8 парчиња)
  • 2-3 чаши темно пиво
  • 6 средно големи главици кромид
  • 2 големи лажици брашно
  • ¼ чаша доматно пире
  • 2 говедски коцки за супа
  • 2 големи лажици путер
  • 2 големи лажици маслиново масло
  • 1 мала лажица сушена мајчина душица
  • 1 ловоров лист
  • Сол и бибер по вкус

Начин на подготовка:

Посолете и зачинете ги парчињата месо од двете страни. Во тава ставете го путерот и маслиновото масло и пропржете го месото добро од двете страни, на појака температура. Откако ќе добие кафеава боја го тргате на страна и во истата тава го ставате кромидот исечкан на тркалца. Гответе го кромидот дури да омекне, често промешувајќи да не загори. Ставете го брашното врз кромидот и гответе, мешајќи постојано, се додека и брашното не добие кафеава боја.

Додадете го пивото, доматното пире и коцките за супа во смесата од кромид и брашно и мешајте дури да се згусне. Додадете ги зачините мајчина душица и ловоров лист и вратете го месото во тавата да се динста заедно со течноста и покриете го садот. Гответе на тивок оган околу 2 и пол часа, често превртувајќи ги парчињата месо. Проверувајте често месото да биде прекриено со течност и додадете уште пиво или вода доколку е потребно. Индикатор дека месото е зготвено е доколку може лесно да го разделите со вилушка. Можете да го исечкате на поситни парчиња и да го вратите назад во сосот. Доколку има потреба, откријте го капакот на садот во последниот час од готвењето за да се згусне течноста во која се динста месото.

На крај, послужете го овој превкусен и богат ручек со ориз, компири или тестенини и секако ладна кригла пиво.

Фотографија: traceysculinaryadventures.blogspot.com

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

Додади нов коментар