Кригла Пиво

ЕП во ракомет, Србија 2012

Србија, од 15-ти до 29-ти Јануари ќе биде домаќин на 10-тото европското првенство во ракомет за мажи што се одржува секоја втора година од 1994 па наваму. Како што повеќето знаете и Македонската репрезентација се избори за учество на финалниот турнир каде ќе биде во групата Б заедно со Шведска, Германија и Чешка. Натпреварите од оваа група ќе се играат во Ниш односно во салата „Чаир“ која собира 5.000 гледачи, додека останатите 3 групи ќе се играат во Белград, Нови Сад и Вршац. Билетите за нашата репрезентација се одамна распродадени исто како и сместувачките капацитети во Ниш и околината. Се очекува присуство на повеќе од 4.000 навивачи од Македонија, со и без купени билети.

Селекторот Звонко Шундовски за престојното ЕП ги избра следниве ракометари:

Голмани: Борко Ристовски (Вардар), Петре Ангелов (Металург), Никола Митревски (Металург)

Десни крила: Владимир Темелков (Bascharage, Луксембург), Златко Мојсоски (Металург)

Леви крила: Стевче Алушовски (Металург), Дејан Манасков (Металург)

Линиски играчи: Никола Марковски (Вардар-неизвесен), Стојанче Стоилов (Вардар), Ванчо Димовски (Вардар)

Централни бекови: Наумче Мојсовски (Металург), Филип Миркуловски (Металург), Бранислав Ангеловски (Konstanca, Романија)

Леви бекови: Велко Маркоски (Металург), Филип Лазаров (Вардар), Милорад Кукоски (Вардар), Аце Јоноски (Металург)

Десни бекови: Кире Лазаров (Atletico Madrid, Шпанија), Влатко Митков (HSG Barnbach/Koflach, Австрија)

Повеќе информации за сите играчи можете да прочитате на следниов линк (.pdf)

Распоредот на натпреварите по групи кои ги игра Македонија e следен:

[15.01.2012, 19:30] Шведска – Македонија
[17.01.2012, 18:15] Македонија – Германија
[19.01.2012, 20:15] Чешка – Македонија

Српската ракометна федерација во согласност со законите на Република Србија и Европската ракометна федерација ЕХФ објави информација за навивачите како не би биле вратени од влезовите на салите.  Навивачите не смеат да внесуваат: метални парички, запалки, пиротехника, големи знамиња, спрејови, шишиња, лименки, вода, алкохол, свирчиња, труби, секакви направи што испуштаат звук, рекламни банери, облека со нелегитимни и навредливи обележја и сл. Сите посетители ќе бидат проверувани на влезовите со детектори. Алкохол е забрането да се продава и консумира 2 часа пред и после натпреварот во радиус од 1 километар околу салата. Сите навивачи кои ќе бидат под дејство на алкохол, дрога, без документи за идентификација или ќе бидат насилни нема да им биде дозволен влез во салите каде е строго забрането пушење на цигари. На навивачите ќе им биде дозволено да внесат само 3 тапани и 1 мегафон. Дефинитивно овие прописи негативно ќе се одразат на создавањето подобра атмосфера на натпреварите од страна на македонските навивачи. Да се надеваме дека официјалните лица ќе покажат разбирање пред самите натпревари и ќе дозволат вистинска спортска атмосфера.

Ракометната федерација на Македонија можете да ја следите на нејзината официјалната веб страна: Macedonianhandball.com. Немаме информации дали имаат официјална Facebook страна и Tвитер сметка. Македонските корисници на Twitter ќе го користат хаш-тагот #makrakomet за дискусии и споделување информации. Веб сајтот на EHF, Европската ракометна федерација е ehf-euro.com. Организаторите за жал не се потрудиле да направат ниту една мобилна апликација за првенството.

Скопско пиво е еден од спонзорите на македонскиот ракометен тим и во тек е акција со која со купени 6 шишиња Скопско 1,5l. добивате ракометен дрес. Според реакциите на фановите има недостаток на дресови во маркетите и поголем дел од нив ќе останат без посакуваниот навивачки реквизит. Мобилниот оператор VIP е исто така официјален партнер и спонзор на ракометната репрезентација.

Македонски полицајци ќе бидат присутни на сите натпревари во салата Чаир и ќе се грижат за безбедноста на навивачите заедно со колегите од Србија. Со потпишаниот протокол од страна на министрите за внатрешни работи на двете земји, сите навивачи од Македонија ќе можат да влезат во Србија само со своите лични карти.

За сите оние кои ќе патуваат во Србија да ја бодрат нашата репрезентација, ги издвоивме тарифите во роаминг за користење на мобилниот телефон, како и за користење на интернет преку него. Овие информации се преземени од официјалните веб страни. За повеќе и поцелосни информации контактирајте ги контакт центрите на мобилните оператори. Еве соодветни слики кои ќе ви помогнат да ја изберете најдобрата опција за да заштедите повеќе пари за пиво:
T-Mobile: Споредба на оператори во Србија, Опција за поевтин роаминг, Travel&Surf интернет роаминг
VIP: Роаминг во пост-пејд, Роаминг во при-пејд, Интернет роаминг
One: Роаминг во пост-пејд, Роаминг во при-пејд

Официјалната валута за плаќање во Србија е динарот. За 1 евро би требало да добиете околу 105 динари. Целосната курсна листа можете да ја погледнете на следниов линк. Проверете ја пред тргнување од Македонија и разменувајте пари во легални менувачници.

Доколку имате слободно време во Ниш, еве неколку предлози што можете да разгледате од туристичките атракции:

  1. Череп кула (Skull Tower) – Споменик на српските востаници кои се бореле против Отоманската империја во 19-тиот век.
  2. Нишка тврдина (Niš Fortress) – Еден од најзначајните културни и историски споменици во Ниш. Тврдината се протега на десниот брег од реката Нишава и е стара повеќе од 2 милениуми.
  3. Чегар (Čegar) – Ридче што се најдува на 6км оддалечено од Ниш и каде е изграден споменик во вид на кула во чест на педесетгодишнината од ослободувањето на градот од Турците.
  4. Црвен Крст концентрационен логор (Red Cross concentration camp) – Концентрационен камп управуван од фашистичка Германија каде се држеле околу 30.000 луѓе. Моментално е претворен во музеј, а картата за влез е 120 динари.

За споредба и пронаоѓање на хотели, ресторани, споменици и туристички атракции додека сте во Ниш можете да ја користите мобилната апликација на Trip Advisor која е достапна за Андроид, Ајфон, Нокиа, Виндовс и Палм. Доколку сакате малку релаксација можете да го посетите и спа градчето Нишка Бања каде воедно ќе бидат сместени и голем број наши навивачи. Оддалечено е околу 10 километри од Ниш, редовен автобуски превоз е 0,6 евра, а такси превозот е 5 евра во еден правец.

Официјална химна на првенството е песната „Never Forget“ или во оригинал на српски јазик „Никад не заборави“. Автор на песната е Оги Радивојевич, а изведбата е заедно со Тања Бањанин :

Сител телевизија ги има откупено правата за преносите од ЕП во Македонија. Следете ја Кригла Пиво и на Twitter и Facebook и очекувајте слики директно од Ниш. Да навиваме заедно за Македонија!

Објавено на 08.01.2012

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

1 коментар

Додади нов коментар