Кригла Пиво

Дали македонските пиварници вложуваат во SEO?

Search engine optimization (SEO) односно оптимизација за интернет пребарувачи, накратко е процес за подобрување на ранкингот на одреден веб-сајт за клучни зборови кога се користат пребарувачите како Google, Yahoo, Bing и сличните на нив. Колку подобра оптимизација, толку повеќе посетители. Знаејќи колку многу се користат пребарувачите на денешницата, особено Google кој што е незаменлив при секојдневното сурфање, јасно е зошто во интернет маркетингот му се придава големо значење на овај процес. Ако малите и средните претпријатија често ја игнорираат оптимизацијата мислејќи дека за тоа се потребни големи средства, несфатливо е како тоа си го дозволуваат и големите пиварници во Македонија. Особено што на вака мал пазар, потребно е минимално вложување и знаење за да бидете на првите места на пребарувачите.

Направивме неколку пребарувања на клучни зборови на Google и на сликите сами можете да ги видете резултатите. Доколку некој сака да дознае нешто повеќе за македонските пива, тешко дека ќе му успее. Прикажани се само резултатите на кирилица, меѓутоа ништо подобри не се ниту пребарувањата на латиници.

Прво и основно пребарување: Пиво. Можеби очекувано на првото место е статијата на Wikipedia, која скоро и да не нуди никакви информации за пивото. Во првите 5 резултати ја нема ниту Прилепска Пиварница ниту Скопска Пивара ниту пак нивните брендови.

Одиме понатаму и ги пребаруваме двете најпознати пива во Македонија: Скопско и Златен Даб. Првиот резултат кога пребарувавме за Скопско пиво е статијата на Wikipedia каде што има скромни и грешни информации. Единствен релевантен линк таму е до веб страната на Скопска Пивара која што подолго време се реконструира. Втор резултат, Facebook група „Skopskо Pivo Fun Club“. Ни трага ни глас од официјалната веб страна на Скопско. Кога ќе ја отворите страната ќе забележите и зошто, правена во flash технологија без клучни мета тагови, описи, наслови, содржина која не е индексирана…недозволиво за така голем бренд.

Ситуацијата со Златен Даб е нешто подобра. Се потрудиле да обезбедат 2 домени .com.mk и .com но исто и нивната веб страна е правена во flash каде барем внесле наслов, но не и опис на страната, мета тагови, клучни зборови… Содржината што ја имаат не е регистрирана кај пребарувачите. Добро е што третиот резултат води кон веб страната на Прилепска Пиварница иако таму има само неколку скромни информации за нивното пиво.

И на крајот пребарувавме нешто на англиски јазик и еве што странците ќе добијат ако бараат: Macedonian beer. Ако го отворите првиот резултат ќе прочитате како некој странец пробал Скопско пиво и бидејќи му се допаднало се обидел но не успеал да најде никакви дополнителни информации.

Заклучокот е јасен, Скопската и Прилепската Пиварница мора да инвестираат повеќе во нивната присутност и застапеност на Интернет. Вака губат стотици посетители на нвините веб страни и потенцијални потрошувачи на нивниот бренд.

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Основач и главен уредник на Кригла Пиво. Дипломиран економист на отсек е-бизнис, преокупиран со интернет маркетинг и нови медиуми. Во слободно време ужива во добро пиво со добра музика или некој спортски натпревар.

1 коментар

Додади нов коментар