Кригла Пиво

Белгиски вафли со пиво

Минатиот пат „бевме“ во Америка со американските палачинки, овојпат „одиме“ во Белгија, со рецепт за белгиски вафли. За да можете да подготвите вафли, потребен ви е специјален тостер за вафли (со пошироки решетки на калапот) кој можете да го најдете прилично лесно и за добра цена. Но сепак тајната на добрите белгиски вафли не е тостерот, туку пивото.

Белгиски вафли со пиво

Потребни состојки:

  • 270 грама сенаменско брашно
  • 1 мала лажица сол
  • 4 мали лажици прашок за пециво
  • 1 ¼ мала лажица сода бикарбона
  • 2 големи лажици шеќер
  • 5 големи лажици несолен путер
  • 1 ½ мала лажица ванилин екстракт или ванилин шеќер
  • 170 грама млеко
  • 220-250 грама светло пиво (по можност pale ale или lager)
  • 2 големи јајца

Начин на подготовка:

Измешајте ги заедно сите суви состојки во голем сад додека не добиете еднолична смеса. Во тавче со средна големина, растопете го путерот, додадете го млекото и пивото и продолжете да готвите се додека смесата не стане топла, но внимавајте да не ви зоврие.

Јајцата, заедно со екстрактот од ванила ставете ги во сад и мешајте ги со маталка, пополека додавајќи ја топлата смеса од пиво, млеко и путер.

Направете дупка во средината на сувите состојки, кои ги мешавте во големиот сад (брашното, прашокот за пециво, солта, шеќерот, сода бикарбона) и полека истурајте ја изматената смеса од јајца, пиво, млеко и путер. Маталката движете ја од средината и постепено кон краевите на садот, со постојани кружни движења, се додека не се соедини и не исчезнат грутките.

Подготвената смеса ја дозирате, во зависност од големината на вашиот тостер, кој претходно ќе го загреете и намрсите со мека хартија потопена во масло.

На крај на вафлите можете да им наросите шеќер во прав, може да им ставите мед или вашиот омилен чоколаден крем, џем од вишни, јагоди или малини, сезонско овошје, а навистина добра комбинација со белгиските вафли е и топка сладолед по ваш избор.

Рецепт: www.seriouseats.com фотографија: mikes-table.themulligans.org

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Кригла Пиво има за цел да ги обедини љубителите на пиво на едно место во виртуелниот веб простор. Пивото ни е главна инспирација и водилка во уредувањето на сајтов, но тука наоѓаме простор и за музика, спорт, е-маркетинг, блогови и се што мислиме дека е интересно за нашите посетители.

Додади нов коментар