Кригла Пиво

Како Барак Обама го користи пивото во политички цели

На 6-ти ноември се претседателските избори во САД каде досегашниот претседател Барак Обама од Демократската партија ќе се соочи со неговиот противкандидат, републиканецот Мит Ромни. Нас воопшто не би не интересирале овие избори доколку претходниве недели Обама не го користи пивото во своите предизборни кампањи со цел да придобие цела една група на луѓе, љубители на пиво кои најчесто се припадници на средната работничка класа.

Барак Обама со пиво

Барак Обама уште на почетокот на својата политичка кариера не криеше дека е љубител на пиво, а ние се почесто можевме да го видиме со пиво во рацете. Белата куќа уште минатата година пушти информации дека приготвуваат сопствено пиво, но некако таа информација помина незабележително со што се претпоставува дека беше само вовед за предизборната кампања ова лето. Сè започна кон средината на јули кога Обама и неговиот тим застанаа во Ziggy’s Pub во Amherst, Ohio каде останал час и половина разговарајќи со посетителите и пиејќи Miller Lite и Bud Light. Дури претседателот на САД дозволил еден посетител да го чести пиво, а според аналитичарите ниту изборот на пива не е случаен.

Подоцна во август, Обама „случајно“ застана и во Iowa State Fair патувајќи од еден предизборен собир на друг. На новинарите што биле со него им кажал дека чувствува потреба да се напие уште едно пиво пред да продолжи со држењето говори. Таму нарачал точено Bud Light, се сликал со сопственикот, сите се смееле и шегувале, нормално за да изгледа прилично спонтано за гласачите кога веста ќе се појави во медиумите. Следниот ден, сопственикот Mike Cunningham II, инаку републиканец се пожали дека посетата на претседателот била против неговата желба бидејќи продажното место му било затворено 2 часа во најфреквентниот период, детално биле проверувани сите работи од неговото обезбедување пред пристигнувањето и дека со неработењето загубил 25.000 долари.

Веднаш потоа американскиот печат и интернет беше преплавен со написи за настанот и се пробуди интересот за домашното пиво што се произведува во Белата куќа. Официјалните лица брзо го потврдија постоењето на мини пиварница каде се подготвува специјалното претседателско пиво без да навлегуваат во детали. Следен дел од планот беше американските граѓани масовно да бараат од Белата куќа да ги објави рецептите од двете пива што таму се подготвуваат. Се направи петиција на која се потпишаа повеќе од 12.000 луѓе, масовно се пишуваа барања на ннтернет форуми, блогови, сајтови, весници, портали и на крајот да се финишира со објавување на двата рецепти. Сега сите домашни производители на пиво, кои патем во САД ги има во голем број, ќе можат сами да си го направат претседателското пиво. Но и неколку пиварници објавија дека се во процес на подготовка за полнење на пивото кое би се нашло во слободна продажба. Белата куќа дури и објави видео од процесот на подготовка и производство на домашното пиво на Барак Обама.

Рецептот за Honey Ale:

Рецептот за Honey Porter:

Последно нешто од кампањата која го вклучува пивото е посетата на Обама на противпожарната станица во Norfolk каде им подари цело пакување од неговото домашно пиво. Ги замоли пожарникарите да го пробаат и да му пренесат дали е добро пивото и дали е тоа вистинскиот рецепт. Сепак, за реакциите ќе мора да почека да го пробаат пивото кога нема да бидат на должност. Погледнете ја и галеријата со слики од 8 настани каде Обама е фотографиран како пие пиво.

Очигледно е дека се работи за кампања која е добро смислена и која е планирана подолго време. Впрочем, Барак Обама важи за политичар кој постави нови стандарди во маркетингот особено во интернет маркетингот уште на претходните претседателски избори што се сметаше за клучно за неговата победа. Ова е само продолжување на добрата кампања со која им се приближува на американските граѓани и останува да видиме како ќе се одвива до крајот на изборите. Дефинитивно има што да се научи од американците. Замислете кога македонските политичари во кампања меѓудругото би се препукувале и кое пиво е подобро, на власта или опозицијата…dream on!

Ви се допаѓа овој напис? Споделете го!

Автор

Основач и главен уредник на Кригла Пиво. Дипломиран економист на отсек е-бизнис, преокупиран со интернет маркетинг и нови медиуми. Во слободно време ужива во добро пиво со добра музика или некој спортски натпревар.

Додади нов коментар